Откако доби стоечки аплаузи за изведбата на „Ми заплакало селото Ваташа“ во Домот на културата „Иван Мазов– Климе“ во Кавадарци, за време на Свечената академија по повод 80 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци, во јуни годинава, а потоа песната ја изведе и во Моклиште, пред споменикот на младинците, Андријана Јаневска повторно доаѓа во Кавадарци.
Таа ќе биде дел од изведувачите на првата вечер на манифестацијата Тиквешки гроздобер, на осми септември (петок) на градскиот плоштад.
Песната посветена на 12-те ваташки младинци, кои беа ѕверски убиени од бугарскиот фашистички окупатор пред осум децении, Јаневска за првпат ја изведе на манифестацијата ,,Златна бубамара на популарноста”, и додека таа пееше, во позадина Игор Џамбазов ги рецитираше стиховите на „Цветови“ песна од Славко Јаневски, која исто така е во чест на убиените младинци.
Перформансот стана еден од најсподелуваните од манифестацијата, а пред неколку дена песната во аранжман на Николче Мицевски беше промовирана и како дел од проектот „Македонијо, во срце те носиме“.
Кога за првпат јавно ја изведе песната во март, на „Златна бубамара на популарноста“, Јаневска за „Фокус“ раскажа дека текстот и мелодијата многу ја допреле, а носела црвен фустан како симбол на детската крв која беше пролеана во Ваташа.
Покрај неа, на првата гроздоберска вечер во Кавадарци ќе настапат и ДНК, Слаткаристика и Зера. Наредниот ден, на 9-ти септември ќе се одржи карневалското дефиле, а пак на десетти септември, во недела, ќе настапат Лина Пејовска, Дарко Лазиќ и Лепа Брена.