Мециновиќ предлага намалување на работното време на шест часа

by Fokus

Левица во Собранието поднесува предлог-закон за намалување на работното време во денот на шест часа, најави пратеникот и портпаролот на партијата, Амар Мециновиќ.

-Овој свет кој денеска го живеевме има зголемена продуктивност благодарение на технологијата, а обврските на работникот се дигитализираат, унапредуваат, автоматизираат на начин на кој што тој денеска не е инволвиран како што бил во индустриското време, кажа Мециновиќ од Собранието.

Пратеникот оценува дека покрај предлогот за намалување на работното време, не треба да се намалат платите на работниците.

-Нашите работници не смеат да бидат оставени сами на себе. Во услови кога не се зголемуваат платите, предлагаме да се намали работното време. Ова доаѓа од анализа – Исланд, Шпанија, Велика Британија, Германија, Франција веќе имаат воведено помало работно време или експериментираат со модели за помало работно време. Од регионот, во мај годинава властите на Црна Гора веќе го намалија работното време. Сите анализи покажуваат дека има поголема продуктивност и помало отсуство од работа, како и подобро ментално здравје и зголемена лојалност на работниците. Ниту една земја од овие не претрпе економски удар туку напротив, многу приватни и државни фирми оттаму пријавија раст, кажа Мециновиќ.

Поврзани новости