Разговорите околу најавената „метла“ во Владата сѐ уште траат и се очекува, следните неколку дена премиерот да излезе со конкретен став околу ова прашање, иако дел од медиумите објавија дека чистката во Влада ќе се случи утре.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој е и новиот генерален секретар на СДСМ, денеска изјави дека во следните неколку дена премиерот ќе излезе со конкретен став околу датумот и чекорите што ќе бидат преземени.
– Вчера вечер ние имавме координација и консултациите на премиерот Зоран Заев со сите останати политички субјекти траат. Во следните неколку дена сигурно ќе излезе со конкретен став околу датумот и конкретните чекори и одлуки што ќе бидат преземени. Сето тоа зависи и од останатите прашања поврзани со ЕУ и со датумот за преговори така што, не би имал што да додадам – изјави Николовски, одговарајќи на новинарско прашање до каде е процедурата и дали се познати новите имиња на министри.
Во делот на екипирањето и структуирањето на новото раководство во партијата, Николовски рече дека сите активности ќе се извршуваат во текот на следната недела.
– Тој дел секако ќе се движи, но за сѐ друго премиерот ќе ја извести јавноста – рече Николовски.