Соларен парк што ќе ги задоволува потребите за струја на 94.000 домаќинства ќе се гради од следната година на потегот од Штип до Свети Николе, на локацијата каде што требаше да има карго аеродром на површина од 452 хектари.
Инвестицијата, која со одлука на Владата е прогласена за стратешка, е проценета на околу 270 милиони евра. Ќе ја реализира француската компанија „Акуо Енерџи“ преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје.
Тоа е најголемата француска инвестиција во државава во последните 15 години. За нејзина реализација се подготвува закон кој очекува да биде донесен во првиот квартал наредната година.
– Северна Македонија ќе добие соларен парк кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет на производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати. Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен за македонската економија. Местоположбата, согласно анализите на соларната радијација, карактеристиките на земјиштето, како и оддалеченоста од преносната мрежа, има одлични услови за изградба на фотонапонска електрена, рече денеска премиерот Зоран Заев на промоцијата на инвестицијата.
Тој најави дека првите количини електрична на енергија ќе протечат во 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година. Производството на електрична енергија е проценето на околу 650 гигават часови на годишно ниво, што претставува 16 проценти од годишното производство на струја од АД ЕСМ.
Претседателот на француската компанија „Акуо Енерџи“ Ерик Ското истакна дека Владата воведувајќи систем на стратешка инвестиција донела храбра одлука и создала услови за забрзан процес кон енергетска независност.