Стипе Месиќ – екс претседателот на Хрватска во интервју на тв Сител рече дека „треба да ѝ се помогне на Македонија за побрзо да влезе во европските структури, бидејќи кога сте внатре можете полесно да ги решавате економските прашања“.
„Затоа сегашните македонски власти треба да вршат притисок бидејќи она што го постигнаа Хрватска и другите земји, нема причина тоа да не го постигне и Македонија“ – вели Месиќ.
Тој потенцира дека Македонија е зрела за влез во ЕУ.
Според него, проблем е тоа што поради една земја, Уставот на Македонија ќе мора да се менува. Месиќ е согласен со македонските граѓани, па смета дека сето тоа е „порака до ЕУ дека мора да биде поангажирана, за да се остварат целите на таа заедница“.
„Креаторите на ЕУ сакаа да се исклучи војната како политичко средство, да се отворат границите, да нема причина за притисок врз било која држава ако границите се отворени. Ако секој народ во здружена Европа се развива во својот културен корпус, нема да му пречи границата, тогаш зошто да се војува за границите и зошто од тоа да се прави проблем. За мене најважно е да преовладува тој европски интерес, а потоа се решава се останато“ рече Месиќ.