Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси уште еднаш се огласи за престојот во Пари Сен Жермен.
Напаѓачот на Интер од Мајами објасни како изгледало се во ПСЖ, откако минатата година со Аргентина стана светски шампион.
„Не планирав да одам во Пари Сен Жермен, но тоа се случи. Отсекогаш сум велел дека работите се случуваат со причина. И сега мислам, колку и да не се снајдов добро таму, станав светски шампион од тој клуб. Па да беше тоа цената… Ние станавме светски шампиони, а тие, државата од која е клубот во кој играв – не. И тоа беше наша „вина“. Затоа јас бев единствениот од сите аргентински фудбалери кои станаа светски шампиони кој не доби признание од својот клуб“ – изјави Меси во интервју за аргентински медиум.
Меси беше прашан какви се неговите шанси да игра на следното Светско првенство кое ќе се игра во 2026 година.
„Не знам дали ќе играм. Не ни размислувам за тоа, бидејќи е премногу далеку. Моментално, мојот фокус е на настап во Купот на Америка. Што ќе се случи потоа ќе зависи од тоа како ќе чувствувам. Има уште три години до следното Светско првенство“ – изјави Меси.