Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси во интервју за кинеските медиуми изјави дека „не мисли“ дека ќе игра на следното Светско првенство кое во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
„Веќе неколку пати го кажав тоа, мислам дека не. Тоа беше моето последно Светско првенство во Катар лани. Ќе видам како ќе се одвиваат работите, но во принцип не мислам дека ќе одам на следното Светско првенство“, изјави 35-годишниот напаѓач, кој со Аргентина го освои златото на последниот Мундијал.
Седумкратниот освојувач на Златната топка моментално се наоѓа во Пекинг, каде во четврток ќе учествува на пријателскиот натпревар помеѓу Аргентина и Австралија.
Билетите за тој натпревар беа распродадени многу брзо, а цената на билетите се искачи и до 620 евра. Меси уште на почетокот на февруари беше песимист за својот настап на Светското првенство во 2026 година.
“Ќе биде тешко поради мојата возраст. Среќен сум што играм фудбал, го сакам тоа што го работам и се додека сум во добра физичка кондиција и продолжам да уживам во фудбалот, ќе го правам тоа. Ми се чини дека следната Мундијалот е многу далеку“, изјави тогаш поранешниот фудбалер на Барселона за аргентинските медиуми.
Меси пред неколку дена објави дека ќе го напушти Пари Сен Жермен, каде што настапува во последните две години. Според најавите тој ќе се пресели во Интер Мајами.