Откако репрезентацијата на Аргентина го освои Светското првенство во фудбал, нивна најголема фудбалска ѕвезда е Меси, но како што пишуваат аргентинските медиуми, во тимот имаат и херој за чија тешка животна приказна јавноста не знае многу детали.
Станува збор за Анхел Кореа, 27-годишен репрезентативец, кој и покрај сите трагедии кои му се случиле уште во најрана возраст, сепак собрал сили да продолжи со животот и со целото срце се посветил на фудбалот, бранејќи ги боите на својата земја. Роден во Роасрио, тој живеел со родителите и со своите двајца браќа. Кога имал само десет години тој го изгубил татко му, а две години потоа починал и неговиот брат.
Но, таму не завршил лошите случувања за Кореја, кој во 2014 година се соочил со тешка здравствена дијагноза. Бил опериран од тумор на срце и поминал тежок период на заздравување и на враќање на нормалниот начин на живот. Три години потоа му се случила уште една трагедија, кога го изгубил и вториот брат, кој извршил самоубиство. Годинава во јуни пак, тој откри дека мора да оди на уште една операција срцето.
– Ви благодарам на сите од срце. Ова писмо морам да го напишам за да ја објаснам мојата здравствена состојба и да се заблагодарам на вашата грижа. Од сите вас добивам сила и без таа енергија не би можел да играм фудбал. Сакам да ви кажам дека во понеделник ќе одам на операција за лузната која ја имам од стара интервенција во САД во 2014. Тогаш поминав тешка ситуација и имав микрооперација на срцето. Имав само 18 години и одев со верба во љубовта и во животот, бидејќи тоа значи дека никогаш не треба да се предадеш. Сестрата која се грижеше за мене во таа болница, без да ме познава, ми шепна дека морам да бидам горд на моите лузни, кои ќе бидат патоказ во мојот живот. За да не се загубам во животот, секоја лузна, таа на кожата, таа на срцето останува со тебе. Со помош на Господ ќе играм повторно и ќе го дадам мојот максимум. Животот не учи дека во секој момент ништо не е гарантирано, дека секоја минута вреди да се живее, да се дише, да се смееш на тешките моменти и да плачеш во среќните моменти. Пред се, бидете благодарни на тие кои ве сакаат – објави на социјалните мрежи младиот фудбалер летово.
На Светското првенство, тој настапи за Аргентина непланирано, откако беше повикан да го замени повредениот играч Николас Гонзалез. Приватно, Кореа е во врска со Сабрина ди Марзо, со која ја започнале врската уште кога имал 18 години и имаат две деца. Како што пишуваат аргентинските медиуми, неговата мајка периодов се борела со карцином, а тој и бил најголема поддршка.
Вики Клинчарова