Мерц веќе прогласи изборна победа во Германија, Шолц порача: Ова е горчлив пораз!

by Фокус

Лидерот на коалицијата ЦДУ/ЦСУ Фридрих Мерц првпат се обрати до јавноста по затворањето на гласачките места во Германија, во 18 часот. Според првичните резултати, неговата партија води убедливо со 29 отсто од гласовите.

-Победивме на овие федерални избори во 2025 година. Морам да им порачам на нашите гласачи дека им благодарам што ја дадоа довербата во нас и во мене лично. Знам што значи тоа и колкава е одговорноста – рече тој.

Мерц смета дека коалицијата мора брзо да се формира.

-Сега ќе разговараме меѓу себе што е можно поскоро, мора заедно да формираме одржлива влада во Германија, влада која ќе може да работи врз основа на мнозинство – рече Мерц.

Според излезните анкети, Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ е победник на предвремените парламентарни избори во Германија, а десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) е втора политичка сила.

На трето место е Социјалдемократската партија на Германија (СПД) со 16 отсто, што е најслаб резултат во повоената историја на партијата. Олаф Шолц им се обрати на своите сопартијци во Берлин додека се обидуваат да ги обработат овие резултати.

-Ова е горчлив изборен резултат за Социјалдемократската партија, а во исто време и изборен пораз. Мислам дека можеме да бидеме горди на фактот што соработувавме толку тесно заедно во тешки времиња – рече Шолц.

Поврзани новости