Мерц сака коалициска влада со социјалдемократите

by Fokus

Фридрих Мерц, лидер на коалицијата на германските конзервативни партии ЦДУ и ЦСУ, кои освоија најмногу гласови на парламентарните избори вчера, денеска изјави дека сака да формира коалициска влада со Социјалдемократите (СПД), кои се трети по бројот на гласови.

-Решен сум да имам добри, брзи и конструктивни разговори со социјалдемократите за формирање коалициска влада до Велигден – 20 април, рече Мерц во седиштето на неговата партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во Берлин.

Мерц рече дека зајакнувањето на екстремната десница на изборите е „конечно предупредување“ за умерените партии да дојдат до заеднички решенија.

Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) го удвои својот изборен резултат – од 4,8 милиони гласови на претходните избори, на 10,3 милиони гласови вчера.

Мерц, кој најверојатно ќе биде следниот канцелар, рече дека сака да се подготви за „најлошото сценарио“ во трансатлантските одбранбени односи меѓу Европа и САД, истакнувајќи дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се оддалечува од Европа.

-Сите сигнали што ги добиваме од САД укажуваат на тоа дека интересот за Европа значително слабее, рече лидерот на конзервативците, наведувајќи дека е неопходно „да се соочиме со најлошото сценарио – прекинување на врските“.

Мерц додаде дека е јасно оти Европа треба многу брзо да ги развие одбранбените капацитети и дека тоа треба да биде апсолутен приоритет во наредните недели.

Лидерот на ЦДУ рече дека се уште има надеж дека ќе може да ја убеди американската администрација дека зачувувањето на добри трансатлантски односи е во заеднички интерес.

Тој додаде дека сака да направи се што е можно за да го постигне тоа.

Поврзани новости