Ја поздравувам одлуката Владата да се заангажира за решавањето на проблемот со кучињата скитници. Тоа што премиерот Ковачевски го изјави, дека Владата ќе бара помош од Брисел, преку ИПАРД програмите да се изгради стационар за бездомните кучиња, и тоа само неколку часа откако јавно преку „Фокус” порачав дека државата треба да го реши тој проблем, за мене е исправен чекор. Општините, колку и да се труделе, за сето ова време, очигледно дека не најдоа ефективно решение – за ,,Фокус” вели градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
Немилиот настан во Струга, кога со огнено оружје беа убиени поголем број на кучиња, среде улица, а пак во Неготино беа отруени повеќе кучиња и мачки, го вклучи алармот за решавање на овој долгогодишен проблем. Јавноста реагира бурно, актуелни се превирања помеѓу оние кои ги сакаат животните и се борат за нивното право за достоинствен живот, и оние кои се плашат од напади на кучиња и потсетуваат на искасаните и нападнати луѓе.
Градоначалникот Мерко ни достави фотографија од повозрасна жена од Струга, која била нападната од големи кучиња пред шест дена. Вели дека го осудува убивањето на кучињата, но истовремено прашува како може нападнатата жена да ја заборави траумата, и колку време и средства ќе бидат потребни за таа да закрепне од повредите.
-Жената е една од жртвите на напад на кучиња. Досега се изнадававме на пари за отштета на нападнати граѓани. Која сума на пари може да и помогне на оваа жена да ја надмине траумата која ја доживеала? Ова не е добро ниту за кучињата, ниту за луѓето. Затоа и вчера јавно кажав дека барам измени на законот за благосостојба на животните, за нивно згрижување и третирање. Проблемот датира со години наназад, конкретно кај нас во Струга, минатата година ниту една фирма не се јави на тендерот за да пружи третман на бездомните животни. И оваа година распишавме тендер, па да видиме дали ќе има заинтересирани. Но, и во оние општини каде има избрани фирми, од она кое го гледаме, проблемите не се целосно решени, постојано читаме за напади врз луѓе и труење на кучиња- вели градоначалникот.
Премиерот Ковачевски пак, вчера порача дека иако справувањето со уличните кучиња е должност на општините, сепак државата ќе помогне.
-Јас разговарав со министерот за земјоделство, при следната посета на Брисел со соодветните сектори да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД програмите, доколку може да се направи некој модел на одреден стационар којшто ќе може да биде некаков државен проект, иако не е ингеренција на државата, со цел да можеме да помогнеме на граѓаните и на општините во справувањето со овој проблем. Бидејќи се работи за навистина голем проблем, а гледам дека градоначалниците воопшто не се занимаваат со него-изјави тој.
Денес пак, во 16 часот пред Владата ќе се одржи протест на кој ќе се изрази револтот поради масовното убивање на животните кое се случи деновиве. Активистите за заштита на животните бараат системско решавање на проблемот и порачуваат дека убивањето не смее да стане наша нова реалност.
Вики Клинчарова