Мерки за претпазливост побара ОЈО Скопје за четворица во инцидентот кај ТЦ „Чаирчанка“ во кој беше повреден бугарски навивач

by Fokus

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека до Основниот кривичен суд Скопје денес поднело предлог за определување мерки на претпазливост против четири лица за кои е поведена постапка за учество во инцидентот кај трговскиот центар „Чаирчанка“ во кој беше повреден еден бугарски државјанин.

„Постои основано сомнение дека лицата на возраст од 28 до 32 години учествувале во физичка пресметка со навивачи на бугарскиот фудбалски клуб ‘Левски’ со што сториле кривично дело – Насилство согласно член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик“, соопшти ОЈО Скопје.

Од Обвинителството велат дека имајќи ги предвид сите околности на настанот јавниот обвинител за осомничените предложи неколку мерки на претпазливост: обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патните исправи, како и забрана за посетување на определено место – спортски натпревари.

„Овие мерки се предложени поради настанот кој беше предизвикан кога бугарските навивачи со две возила се движеле во близина на трговскиот центар “Чаирчанка” и најпрвин влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, а потоа ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти“соопшти ОЈО.

од Обвинителството велат дека лицето за кое постои сомнение дека е директно одговорно за нанесување на тешката телесна повреда на бугарскиот државјанин е идентификувано.

„Тоа се уште не е лишено од слобода и по него се трага. Обвинителството продолжува да презема дејствија за обезбедување докази со цел целосно расчистување на настанот“, соопшти ОЈО.

Поврзани новости