Германија ги продолжува рестрикциите за уште еден месец и воведува уште некои строги мерки за време на велигденските празници, во напорите за запирање на ширењето на коронавирусот, соопшти рано изутрината канцеларката Ангела Меркел.
Во изјавата по маратонскиот видео разговор со 16 гувернери на германските сојузни држави, Меркел изјави дека рестрикциите воведени до 28 март, ќе останат во сила до 18 април.
-Ние имаме нова пандемија, всушност нов вирус кој е од истиот тип, но со комплетно поинакви карактеристики. Тој е многу посмртоносен, позаразен и подолготраен, рече Меркел.
Повеќето продавници ќе бидат затворени, а верските служби откажани за велигденскиот продолжен викенд од 1 до 5 април. Собирањата, како и рестораните на отворено, ќе бидат забранети во тој период, а само продавниците за храна може повторно да бидат отворени на 3 април.
-Ситуацијата е сериозна, бројот на случаи расте експоненцијално и креветите во интензивната нега повторно се полнат, изјави канцеларката Меркел на прес конференцијата по 12-часовните разговори со гувернерите.