Поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека пред заминувањето од функцијата сакала да воспостави европски формат разговори за решавање на тензиите долж украинската граница, во кои би биле вклучени францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
Во интервјуто за магазинот „Шпигел“, таа вели дека се обидела да го стори тоа летото 2021 година.
„Но, јас веќе немав овластување да го туркам, бидејќи веќе сите знаеја: таа наесен ја напушта функцијата”, вели таа.
Меркел своето заминување го најави неколку месеци пред парламентарните избори во Германија одржани во септември минатата година. Составувањето на коалицијата одзеде време и во декември беше спроведено конечното предавање на власта.
Русија ја покрена воената акција во Украина на 24 февруари, нешто повеќе од два месеци подоцна.