Меркел оптимистична дека ќе добиеме датум за преговори оваа есен

by fokus

Германската канцеларка, Ангела Меркел, од Познањ порача дека е оптимист во однос на шансите Северна Македонија да го добие долгоочекуваниот датум за преговори со ЕУ во октомври.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали врши притисок врз скептичната Франција за зелено светло за преговори, Меркел порача дека Европската Унија и процесот на одлучување во неа не функционира со притисоци, но дека со оптимизам гледа кон есента, кога најдоцна треба да се донесе одлуката, два пати одложувана, за старт на пристапните преговори.

Германската канцеларка меѓутоа истакна и дека не се согласува со францускиот претседател, Емануел Макрон дека проширувањето на ЕУ и нејзиното продлабочување не можат да се одвиваат паралелно.

-Се согласувам дека треба да се подобри ЕУ одвнатре, но тоа не е причина да не се почнат пристапните преговори, тоа само по себе не е контрадикторно, изјави Ангела Меркел на прес конференцијата по средбата на лидерите на ЕУ и на Западниот Балкан на самитот во Познањ.

Премиерот Зоран Заев, кој денеска оствари средба со францускиот премиер, Едуар Филип, на маргините на самитот, порача дека Париз очекува од Македонија да продолжи со започнатите реформи до октомври и земјата да продолжи да го подобрува својот имиџ пред европската јавност. Премиерот изјави дека е убеден дека сите напори кои Северна Македонија до сега ги вложила за добивање на датумот, како договорот со Грција, реформите во клучните области и заложбите за еднакво општество за сите ќе донесат резултати кои Франција ќе ги препознае.

-Дефинитивно впечатоците кај сите земји членки се неспорни, односно ние ги исполнивме сите услови, Преспанскиот договор гледате дека е тема на секоја прес конференција, на секој состанок се почнува со примерот од Преспанскиот договор, договорот со Бугарија исто така, сето тоа што дома е направено, вклучително и дијалогот со опозицијата, можам да кажам дека се нотирани како успеси преку кои не може да се помине, рече Заев.

Премиерот додаде дека резервите кои постојат кај одредени земји членки на ЕУ се однесуваат на зачленувањето во ЕУ.

-Заклучокот од овој самит е дека гаранцијата е уште поголема, изјави Заев алудирајќи на отворањето преговори наесен, но и дека се очекува од Македонија да продолжи да работи на реформите во текот на летото и сѐ до носењето на одлуката.

Поврзани новости