Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која на почетокот на декември ја напушти функцијата по 16 години минати на нејзино чело, ја одби понудата од генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, да работи во ОН, соопшти денеска нејзиниот кабинет.
Меркел на 8 декември дефинитивно ја напушти политичката сцена и се посвети на пишување политички мемоари, наведоа оттаму.
Меркел „минатата недела му се јави на генералниот секретар на ОН, му се заблагодари за понудата и рече дека нема да ја прифати“, соопштија од нејзината канцеларија за француските медиуми, потврдувајќи ги информациите што претходно се појавија во медиумите дека има мали шанси за ваков „трансфер“.
Во соопштението не е прецизирано каков ангажман ѝ понудил Гутереш на поранешната германска канцеларка, но медиумите претходно јавија дека станувало збор за претседавање со Советодавниот комитет на ОН за глобални јавни добра, што е еден од неговите водечки реформски проекти.
Меркел, која долго време најавуваше пензионирање по германските парламентарни избори во септември 2021 година, во неколку наврати повтори дека не сака да преземе никаква нова функција по истекот на нејзиниот мандат.
Откако дефинитивно ја напушти политичката сцена на 8 декември, таа се посвети на пишување политички мемоари со нејзината поранешна советничка и блиска соработничка Беате Бауман.