Меркел му даде „лајк“ на Заев

by fokus

„Им благодарам на нашите пријатели од Германија и Франција што ги препознаваат и посочуваат подвизите кои ги презедовме како врвен придонес кон балканската и европската стабилност. Нашата одговорност и посветеност не запира тука бидејќи европската идеја за сојузништво на диверзитетот бара постојана грижа за себе и за другиот“.

Оваа порака на својот фејсбук профил ја напиша премиерот Зоран Заев, по средбата со канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел и претседателот на Република Франција, Емануел Макрон. Премиерот Заев објави и фотографии на кои се гледа дека е во друштво на Макрон и Меркел, а на една од фотографиите, канцеларката на Германија е свртена кон него, и случајно или не, со раката му гестикулира „лајк“.

Меркел и Макрон вчера ги пречекаа шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан, плус Словенија и Хрватска, на состанокот посветен на регионот, на кој присуствувааше и делегација на Владата на Македонија.

 

Меркел и Макрон ја истакнаа Република Македонија и Договорот од Преспа со кој беше решен спор со Грција и кој ги откочи евро-атлантските процеси во земјата и стана модел за решавање на отворени прашања.

Поврзани новости