Германската канцеларка Ангела Меркел го отфрли повикот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за соработка со десните, популистички партии по изборите за Европскиот парламент.
– Јас во целост го поддржувам ставот на Манфред Вебер, според кој нема да има никаква соработка со десните партии по изборите.
Таа, исто така, нагласи дека Европската народна партија го суспендираше членството на унгарската конзервативна партија Фидес, на чие чело е Орбан.
Лидерот на италијанската екстремна десница и министер за внатрешни работи, Матео Салвини и унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретнаа вчера во Будимпешта каде најавија антимигрантски сојуз по европските избори. По средбата, тие ги повикаа конзервативните партии да се приклонат кон Сојузот на народи и нации, кој Салвини планира да го основа по изборите за Европарламент, со цел обединување на партиите со екстремно десна ориентација.
– Одлучувачко е прашањето кој е за миграции, а кој против, рече Орбан, заклучувајќи дека партиите лево од ЕПП се за миграции, а партиите кои идеолошки се десно од Европската народна партија, се против.
Според најавите, на овој блок ќе се придружи и германската десна, популистичка Алтернатива за Германија.
Новата претседателка на Христијанско-демократскиот сојуз на Германија (ЦДУ) Анадрет Крамп-Каренауер го предупреди Орбан дека секоја натамошен чекор надесно на неговата партија Фидес може да значи и трајно отстранување од редовите на ЕПП.