Уште една недела трае мерката за замрзнување на профитната маржа на прехранбените производи коишто се дел од есенската потрошувачка кошничка.
Со владината одлука намалени се цените на 73 основни прехранбени производи. Податоците од Сојузот на синдикати на Македонија објавени вчера покажуваат дека минималните трошоци на едно семејство во октомври се намалени за 57 денари.
И додека власта смета дека мерката дава резултати, од СДСМ во Собранието поднесоа предлог-законски измени со кои бараат зголемување на минималната плата на 450 евра.
Според ССМ, податоците од синдикалната минимална кошница која за октомври изнесува 61,249,00 денари без трошоците за изнајмен стан од 60 метри квадратни, покажуваат дека мерката на Владата дала дел од посакуваните ефекти, но дека цените треба уште да се намалуваат бидејќи нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика.
– Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но, поради алчноста за профит кај трговците што Државата мора да го заузда, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалаци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 717 денари за минатиот месец септември, а во истата во делот ка храна и пијалаци во месец октомври 2024 година која изнесува 22,069,00 денари споредено со месец септември 2024 година ( 23,034,00 денари) е намелана за 965,00 денари, велат од ССМ.
Од ССМ сметаат дека при креирање на мерките, Владата треба да го вклучи и синдикатот, а потребни се и поголеми контроли и казни за несовесните трговци.
Опозициската СДСМ завчера поднесе измени на Законот за минимална плата со предлог таа да се зголеми на 450 евра, а пратеничката Јована Тренчевска вчера на прес-конференција во Собранието рече дека зголемувањето на минималната плата е неопходност.
– Во време кога граѓаните се борат со високи цени и намалени приходи, Владата не презема ништо за да им помогне.
Социјалната несигурност расте, платите опаѓаат, а потрошувачката кошничка веќе достигна огромни 61,306 денари. Ниту една од мерките на Владата за намалување на цените не даде резултати.
Напротив, куповната моќ на граѓаните се намалува, и тие веќе не можат да си дозволат дури и основни прехранбени производи.
Работниците, особено оние со најниски примања, се оставени на милост и немилост на пазарот, рече Тренчевска, повикувајќи ги сите пратеници да дадат поддршка за предложените законски измени.
Од ВМРО-ДПМНЕ која е дел од владината коалиција вчера оценија дека мерката дава резултати за што потврда е и намалувањето на вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка за октомври во однос на септември.
– Она која што е важно да се каже дека целокупната синдикална кошничка се има намалена за 57 денари, но доколку ги видите контрибуторите во синдикалната кошничка, ќе видите дека поскапувањето односно драстичното не намалување не доаѓа заради мерките кои што се од владата току заради поскапување на цената на облеката, додека оние мерки кои што се превземаа со проширувањето на позитивната листа на лекови имаат дадено резултат, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.