Мерка притвор за 20-годишник поради неовластена продажба на амфетамин

by fokus

По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека го сторило кривичното дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

„При вршење  контрола  и личен претрес, полицијата на 3 јули, во возило „Рено Меган“ во кое биле повеќе лица, пронашла една полиетиленска паковка со супстанца амфетамин во вкупна нето маса од 41,59 грама. Откако возилото било запрено, осомничениот, кој седел позади совозачкото место и се превезувал како сопатник, се обидел да ја истури супстанцата но во тоа не успеал, соопшти Јавното обвинителство.

Во насока на расчистување на настанот, извршен е претрес во станот во Скопје во кој привремено престојувал осомничениот, 20-годишен жител на Пробиштип. При тоа, се пронајдени 39 таблети метилен – диоксиметамфетамин, дигитална вага со остатоци од наркотична дрога – марихуана и прашкаста материја која претставува психотропна супстанца – амфетамин, а кои осомничениот ги држел неовластено заради продажба.

Јавниот обвинител ценејќи дека постојат околности кои го оправдуваат стравот од бегство на осомниченото лице, околности за попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоци, како и дека лицето ќе го повтори кривичното дело, до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесел предлог на осомничениот да му се определи мерка притвор“, велат од Обвинителство.

Поврзани новости