Нема такво нешто, дека шефицата на македонската евровизиска делегација Мери Попова се повлекла од оваа работна задача по враќањето од Италија, за ,,Фокус” откриваат од МРТ.
Според нашиот извор од јавниот сервис, информацијата која денес се објави во одредени портали, дека Попова си дала оставка, и не е повеќе шефица на делегацијата по настанот со Андреа Коевска која го фрли македонското знаме на земја, а кој предизвика бурни реакции во јавноста, не е потврдена.
-Шефица на делегацијата не е функција, туку работна задача. Немаме по систематизација шеф на делегација, туку како уредник на куп. Можеби таа дала информација за нејзините планови, но официјално такво нешто нема. Се чекаат првин извештаите од цела делегација, велат од МРТ.
Попова пак, не одговори на нашето прашање и не ги коментираше објавите за наводната оставка.
Од јавниот сервис минатата недела по настанот со знамето се огласија со соопштение и порачаа дека Македонската Радио Телевизија ќе ги преземе сите законски решенија и дисциплински мерки по враќањето на нашата делегација од Торино, откако членовите ќе ги поднесат извештаите за случувањата на церемонијата.
Вики Клинчарова