Ментална тетоважа

by Фокус

Западнобалканскиот субрегион изобилува со прекари за народи, како што се Каури, Шиптари, Татари, Бајгањовци, Мекерета, Чокајлии, Геџовани, Чефури, Шкии, Балии, Шокци, Бодули, Шкутори, Јанези. За најголемиот број, ваквите изрази се навредливи и имаат пежоративно значење, па најрационално би било да се однесува според максимата Не му прави на друг тоа што не сакаш на тебе да ти се прави“!

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Име на името. Прекар. Останува за навек. Дури и потоа. Особено ако е навредлив! Очигледно, „новите демократи“ и „европејци“ имаат сериозен проблем со менталитетот и приоритетите на многу бизарно и приземно ниво: опседнатост со прекарот со кој ги ословуваат!

Феноменот претставува алтернативен назив, кој постигнува апсолутен ефект, ако стане официјален. Претставува несакан подарок и своевидна ментална тетоважа, која, за разлика од декоративната на телото, невозможно е да се отстрани. Колку некој е понавреден, толку повеќе стимулира и поттикнува да го нарекуваат така. Единствениот лек е да се игнорира и ич гајле да не се бере!

Неодамна, партиската склопка „Вреди“ откри „топла вода“: во Македонија, припадниците на албанската националност неофицијално жаргонски да ти ги нарекувале Шиптари! За ширење говор на омраза, преку социјалната мрежа Фејсбук, особено со користење на навредливиот збор „Шиптар“, поднесе кривична пријава против претседателот на политичката партија „Македонски концепт“.

Претходно, тој поднесе кривична пријава против политичари Албанци за целосно омаловажување и оспорување на македонската држава, народ и јазик. Пријавата опфаќа и инкриминации во врска со противправно користење на албанскиот јазик, нелегалната амнестија на воени злосторства и промоција на историски ревизионизам и неонацизам.

ПРЕКАРИ

Секоја држава и народ, името главно ги добиле според географските карактеристики или по некоја историска личност, но најчесто според племе што го населувале тоа подрачје. Многу држави и народи имаат повеќе имиња.

Западнобалканскиот субрегион изобилува со прекари за народи, како што се Каури, Шиптари, Татари, Бајгањовци, Мекерета, Чокајлии, Геџовани, Чефури, Шкии, Балии, Шокци, Бодули, Шкутори, Јанези. За најголемиот број, ваквите изрази се навредливи и имаат пежоративно значење, па најрационално би било да се однесува според максимата „Не му прави на друг тоа што не сакаш на тебе да ти се прави“!

Пежоративниот муслимански назив за христијаните е каури, односно неверници. За Словенците сите јужно од реката Сутла, т.е. од поранешна Југославија се „чефури“. Австријците, пак, од некоја злоба, погрдно ги нарекуваат Германците „пивке“, а тие нив „оши“. Прекарот за Евреите е „чифути“, што е симбол за скржавост.

Разбирливо, навреда и омаловажување би било некој некого да нарекува поинаку и погрдно, а не како што тој себеси се именува. Дури и црнец на црнец може да му се обраќа со „нигер“, но ако белец го нарече така, ќе го обере бостанот.

Албанците меѓусебно се нарекуваат Шиптари, но се навредуваат ако друг ги нарече така. За нив изразот е омаловажувачки, бидејќи им асоцира на примитивни и нецивилизирани луѓе, кои се симнале од планина, ги бива само за физичка работа и се „втора рака“ граѓани.

„ШИПТАР И СЕВЕРЏАН“

Пред Втората светска војна и во првите децении на комунизмот, со терминот Шиптари се нарекувале Албанците што живееле во границите на Југославија. Називот немал никаква негативна конотација, сѐ до 1970-тите, кога почнува да се користи поимот Албанци како норма на политичка коректност.

Дури во 1980-тите, кога на Косово избувнуваат првите немири, почнува да се прави разлика меѓу населението во Албанија, кое се именува како албанско, а жителите на Косово и Македонија како Шиптари.

Врвот на говор на омраза достигнува во 1990-тите, кога ескалира српско-косовскиот конфликт, па се користат изразите „шиптарска работа“ или „шиптарски џган“. Пежоративен термин од албанскиот дијалект на Гегите, кој се однесува на Србите, е „шкија“, кој се користи наместо зборот „свиња“. Точниот датум на употреба на овој погрден термин не е познат, но со голема веројатност се претпоставува дека датира со почетокот на судирот на Косово.

Ако е за утеха, нашите сограѓани Албанци, од инает или од злоба, може некој да ги вика како сака, ама со тоа не им го брише кодот, тие за навек си остануваат тоа што се. Затоа, треба да оладат, тие се пред сѐ македонски државјани.

Знаат ли колку ептен e забегана работата ако менталната тетоважа се декорира на сила? Македонецот е парадигма за перверзно и силеџиско настојување да му се сотре идентитетот, историјата и јазикот и за навек тетовира кованицата Северномакедонец, односно грдиот еуфемизам Северџан!

Поврзани новости