Пред големиот скопски концерт кој бендот „Меморија“ го најави на 16-ти ноември годинава во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, како место каде ќе бидат концертно повторно отсвирена ретроспектива на најголемите досегашни хитови во живо, но и промовирани новите песни, групата го издаде и третиот сингл, како дел од материјалот кој ќе го комплетира албумот кој е во најава.
Новите песни излегуваат една по една во етерот, и по рок баладата „За тебе“ и рок ен рол медлито со патриотски рефрени кое се појави под името „Македонски бисери”, групата промовираше ново парче музика со патриотска содржина, но за разлика од обработките, е целосно ново авторско дело.
-Новата песна носи наслов „Мој народе“ и во себе го има вткаено националното чувство, чувството за припадност на еден народ, желбата да се биде свој, а сепак дел од современиот свет.
Притоа, да не се заборават минатото и крваво стекнатата слобода, а со љубов и песна да се гради иднината. И сето тоа спакувано во стихови и музика која се одликува со рефрен кој наликува на „патриотска стадионска химна“, која од срце и со полна душа се пее со високо кренати раце дланка во дланка, од илјадници грла и во еден глас… За тебе, за мене, за сите нас… „Мој народе“ – велат од тимот на „Меморија“ за новата песна.
Музиката и текстот се на Ристо Самарџиев, а истата е снимена во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски кој заедно со Давор Јордановски се и продуценти на песната.
Извршен продуцент е Петар Георгиевски – Камиказа, а „Мој народе“ засега е објавена само во аудио верзија на музичкиот канал Јутјуб.
Вики Клинчарова