Рок бендот „Меморија“ кој периодов повторно се активираше со настапи и снимање на нови музички материјали, денес ќе го промовира видео записот за новата песна ,,За тебе”. Станува збор за нумера под која се потпишува фронтменот на бендот, Петар Георгиевски Камиказа, а која вокалистот Апостол Икономов ја изведе на големиот концерт во Штип, кој се одржа минатиот месец.
Песната е посветена на неговата сопруга Виолета, која неодамна ја изгуби десет-годишната битка со тешка болест.
Премиерата ќе се случува во просториите на Универзитет „Скопје“ (екс-Универзитет за туризам и менаџмент) денес на пладне, а исто така бендот ќе одржи и прва прес конференција по повод нивниот голем солистички концерт кој е закажан за средината на ноември годинава, во Арена Борис Трајковски.
На нивниот претходен концерт во Штип на отворената сцена на Дом на млади пак, присуствуваа околу 1.700 посетители.
Исто така, „Меморија“ неодамна најави и нов албум кој треба да излезе пред Нова година, а на кој ќе се најде рок баладата ,,За тебе” и новата обработка во која се испреплетуваат рефрени на четири познати македонски народни песни.
Вики Клинчарова