Два големи музички настани викендов се случија во земјава, најавуваниот голем концерт на легендарната ,,Меморија” во Арена А1 во Скопје, за љубителите на добрата поп-рок музика, и истовремено, голем концерт за љубителите на турбо фолкот во Пробиштип, со популарната балканска пејачка Цеца Ражнатовиќ и нејзината ќерка Анастасија.
И за двата настани, првичната локација беше променета, за ,,Меморија” поради најавените лоши временски услови концертот наместо на стадионот на АРМ се одржа во Арена А1, а пак за Цеца поради преголем интерес, наместо во Аква Паркот во Пробиштип, концертот беше преместен на стадион.
Обожавателите на култната ,,Меморија” се презадоволни од настанот на кој момците повторно докажаа дека станува збор за група која со децении наназад е ,,Оган под ѕвездите,,. Атмосферата која предизвикува морници, сплотена публика и песни кои будат носталгија, беа доволни за концертот на ,,Меморија” да се прераскажува.
И оние кои избрале викендов да се забавуваат на турбо фолк звуците на Цеца, на стиховите на нејзините песни за оставени и изневерени жени, но и да уживаат во провокативниот сценски настап на пејачката и нејзината ќерка Анастасија, се задоволни од настанот.
И покрај тоа што полицијата во Пробиштип имала многу работа таа ноќ и казнила 29 пијани возачи, три малолетници кои возеле без положен возачки испит и едно постаро лице кое возело со истечена возачка дозвола, публиката добро се забавувала.
Истата вечер, концерт на отворено во Куманово одржаа и ,,Ареа” и ,,Ван Гог”.
Сите кои беа желни за жива музика викендов си избрале според својот музички вкус на чиј концерт ќе присуствуваат, но и за двата настани се бараше влезница плус.
Според најавите, летово во земјава ќе има богата концертна сезона на наши музички ѕвезди, но и на регионални турбо фолк пејачи.
Дали ,,Меморија” повторно планира голем концерт за многубројните обожаватели, нема најава, но затоа пак Цеца веднаш по настапот во Пробиштип ја откри наредната дестинација во Македонија, на деветти јули во ноќен клуб во Струмица.
Вики Клинчарова