Штипјани, а и посетители од други градови кои викендов дојдоа на концертот на ,,Меморија” на летната, отворена сцена на Дом на млади – Штип, се уште ги сумираат впечатоците од настанот кој траеше повеќе од три часа.
Коментарите за музичкото шоу со најголемите хитови на докажаниот бенд се позитивни, а бројката од над 1.700 луѓе кои во еден глас пееа заедно со ,,Меморија” се показател дека групата е македонски музички бренд, кој и по повеќе од три децении постоење, може да собере на едно место стотици обожаватели од сите генерации.
Старите хитови ,,Нена”, ,,Оган под ѕвездите”, ,,Бејби, бејби”, ,,Дирлада”, ,,Одам засекогаш”, но и новокомпонираните песни на бендот се позната лектира на публиката, која ја испрати пораката дека е желна за квалитетни концерти на домашни групи.
Покрај бендот, на сцената настапија и штипјанецот Трајче Манев, кој на второто издание на ,,Макфест” во 1987 година триумфираше со баладата ,,Осамен” која стана препознатлив евергрин, но и гитаристот Ивица Јорданов, кој е исто така од Штип.
Од ,,Меморија” потсетуваат дека на истото место, во Дом на млади – Штип, имааа концерт пред 33 години, кога зад себе имаа само еден албум. На концертот во саботата пак, се почувствувале како времето да застанало.
Се заблагодарија на публиката за поддршката и за енергијата која ја добиваат со децении од ваквите настани, и ветија дека наскоро пак ќе застанат на големата сцена, со нов концерт.
Вики Клинчарова