Мемети: Законот за амнестија е неправичен!

by fokus

Законот за амнестија предмалку беше изгласан во Собранието и тоа без да се земат во предвид забелешките кои ги имаше народниот правобранител Иџет Мемети. Мемети предупредуваше дека законот е неправичен и нецелосен.

-Законот е неправичен, бидејќи ги става во нееднаква положба осудениците, со што ќе се изврши селективно извршување. Јас реагирав, но мојата забелешка никој не ја сослуша, рече Мемети за „Фокус“.

Тој додаде дека проблем ќе настане и во спроведувањето на законот откако тој ќе стапи на сила.

-За првпат во историјата се случува решенијата за амнестија да ги носат судовите, а не затворите, кои што ја поседуваат целата документација за осудениците. Како што е уредено, сега судовите ќе треба да ја прават математиката и ќе се затрупаат во административна работа, поради што мислам дека ќе се појави проблем, вели Мемети.

Собранието на денешната пленарна седница го изгласа Законот за амнестија со кој им се намалува затворската казна на осудениците.

Со овој закон се ослободуваат од издржување на затворска казна осудените лица на кои им е изречена казна до шест месеци. Оние што добиле над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна.

Амнестијата не се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда за: доживотен затвор, за кривично дело Убиство, за силување и педофилија, за тероризам и кривични дела против државата, за кривични дела против јавниот ред и мир, за кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Амнестијата не се однесува и на лицата кои кривичните дела ги сториле по 20.09.2017 година.

Со посебна одредба амнестијата се ограничува така што не важи за лица по кои била издадена потерница.

„Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегување во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради нивна недостапност на органите на кривичниот прогон“, стои во законот.

Статистичките показатели покажуваат дека ќе бидат ослободени од издржување на казната затвор приближно 670 правосилно осудени лица осудени на казна затвор до 6 месеци, а на 3097 лица ќе им биде намалена казната за 30%.

В.В.

 

Поврзани новости