Институциите надлежни за справување со бегалската криза покажуваат крајно несериозен однос и негрижа за бегалците кои повеќе од 24 часа се надвор изложени на неповолни временски услови, реагираше Народниот правобранител Иџет Мемеди.
– Причина за нехуманиот третман на бегалците е затворање на двата големи монтажни шатори поради нивна дезинфекција, како и блокирањето на железничката пруга од страна на такси возилата во знак на револт од Одлуката на Управувачкиот комитет за време на кризни состојби бегалците да се превезуваат првенствено со воз, а само во исклучителни случаи со користење на такси возила – смета Мемеди.
Народниот правобранител бара итно да се овозможи непречен транспорт на сите бегалци до Прифатниот центар „Табановце“, со користење на сите превозни средства и почитувајќи го правото на избор на превозно средство од страна на бегалците.