Поранешниот пратеник Весел Мемеди, утрово сведочеше во Кривичниот суд, за случајот со организаторите на настаните од 27 април.
Мемеди сведочеше за моментот кога на критичниот ден пратеникот од БЕСА, Зеќирија Ибрахими, ја пееше албанската химна од говорницата во пленарната сала во Собранието.
-Се сеќавам убаво дека Крсто Мукоски се пријави да говори процедурално и ја пееше македонската химна. Веднаш штом почна да ја пее, видов дека Џеват Адеми и Артан Груби, кои седеа пред мене, се пријавија за збор и видов дека пратеникот Зеќирија Ибрахими, десно од мене, се пријави после нив. Откако Мукоски заврши со химната, претседавачот Трајко Вељаноски му даде збор на Ибрахими, иако другите се пријавија први. Се сеќавам и дека Џеват реагираше зошто му дал збор на Ибрахими кога тој се пријавил прв, сведочеше Мемеди, пренесе „360 степени“.
Според него, станувало збор за организирано сценарио од две причини: Првата била што му била дадена предност на Ибрахими, а втората е однесувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ извикуваа „тишина“. Димитар Стевананџија стана и им се обрати на колегите со „тишина, тишина“. Претпоставувам дека тоа беше за да може убаво да се слушне албанската химна надвор каде што се протестираше и се пренесуваше што се случува внатре… И денеска по три години, а и по 15 години да ме прашате ќе го кажам истото, дека тоа беше сценарио, рече Мемеди.
Мемеди рече дека тоа е негова претпоставка, но нагласи дека Стевананџија станал и барал тишина во моментот кога почнала да се пее албанската химна.