Мемеди: Поединци водат кампања против мене и Клиниката за детски болести

by Fokus

Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди смета дека периодов имало кампања против Универзитетската клиника за детски болести и лично против него, иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини.

– Тие поединци многу добро знаат дека за дезинформациите, клеветите и расистичките натписи, кривично се одговара и затоа, немаат смелост да излезат јавно со име и презиме, туку се кријат позади лажен „Фејсбук“ профил. Меѓу другото, имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, што беше само три месеци во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но фактите го говорат спротивното, рече Мемеди на денешната прес-конференција.

Во однос на смртноста на Детската клиника, Мемеди рече дека сега има двапати помала стапка на смртност во споредба од пред пет години.

– Од прикажаната табела со податоци од информатичкиот систем на Детската клиника, јасно се забележува дека сега имаме скоро двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години, односно трипати помала смртност во споредба со пред девет или 10 години, кога имало во просек и по девет умирања месечно, т.е. на секој трет ден по еден смртен исход просечно, во време кога други директоруваа со Детската клиника и имаше друга власт во државата, рече Мемеди.

Во четирите месеци откако е директор рече дека наишол на многу наталожени проблеми, нерешени со години. Кујната е во амортизирана состојба, а надвор од употреба е и хидрофорот од кој се напојуваат со вода хидрантите.

– Кујната каде се подготвува храната за децата и за бебињата е во комплетна амортизирана состојба, со инвентар што е над 20 години стар, што е многу тешко да се одржува по стандарди како што треба, со простории што се руинирани. Во вакви простории на Детската клиника, со години се подготвува храната за деца. Ова не е високоризично? Веднаш презедов мерки – изготвување решенија и сега сме во фаза на решавање на овој проблем – просторно и во обезбедување комплетно нова опрема и инвентар. Има неколку пумпи за вода што секојдневно прават дефекти, секоја недела имаме проблем и недостаток на вода. Една од тие пумпи е хидрофор што обезбедува висок притисок за хидрантите што се на спратови во случај на пожар и тој хидрофор од 2018 година е надвор од употреба. Замислете, да имаме пожар по спратови, ние немаме притисок, односно немаме вода за гасење пожар. Е, ова е високо ризичен момент, одговори тој на новинарско прашање.

Прашан дали се барало одговорност, директорот рече дека за тоа треба да се погрижат надлежните институции.

– Јас барам решенија. Јас немам време да се бавам со истражувања и со работи што не се дел од мојата надлежност. Мојата надлежност и одговорност е да изготвам решение и што побрзо да ги решавам овие проблеми. Јас сум во тек и во тек е изготвувањето на решението и за кратко време, ние ќе обезбедиме комплетно нова пумпна станица со комплет нови пумпи и просторијата во смисла на изолација бидејќи таа станица е комплетно руинирана. Ова е вон функција. Ова треба да обезбеди комплетна функција за гасење пожари. Лифтовите се над 40 години стари, значи и двата лифта се вон функција и пред да дојдам јас на оваа функција. И никој не се нафатил да го решава овој проблем, а нашите пациенти се качуваат по скали. Затоа, јас не сум излегувал со шпекулации цело ова време, бавејќи се со изнаоѓање решенија за овие проблеми што се натрупани 40 години. Сега сум во фаза на проект и ќе монтираме комплетно нови лифтови, двата што се постари, другите два се надевам другата година ќе ги замениме, појасни Мемеди.

Поврзани новости