Против Суад Мемеди, советникот на градоначалникот на Општина Шуто Оризари, е поднесена кривична пријва за „примање награда за противзаконито влијание“. Според полицијата Мемеди му побарал на 25-годишен жител на Општината, мито од 2.500 евра, а за возврат му ветил дека ќе издејствува легализација на неговиот објект.
Мемеди му се претставил на 25-годишното момче дека е вработен во општина Шуто Оризари на влијателна позиција во општинската администрција и дека ќе издејствува легализација на негов објект.
„Така, по поднесено барање од страна на оштетеното лице до Општината за издавање на Решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект-куќа, изградена во јуни минатата година, пријавениот, со намера да го искористи своето претпоставено влијание и наводна службена положба, ветил дека ќе издејствува легализација на објектот. С.М. од оштетениот на 19.01.2018 година, побарал за себе парични средства во износ од 2.500 евра, а на 27.02.2018 година примил дел од средствата во износ од 1.000 евра“, велат од полицијата.
25-годишникот го пријавил случајот во полиција на 22-ри јануари со тоа што поднел кривична пријава против Мемеди.
„На 27.02.2018 година оштетениот дал дополнително известување дека со пријавениот С.М. истиот ден околу 11,00 часот, остварил средба во просториите на општина Шуто Оризари, каде на барање на пријавениот, му дал парични средства во износ од 1.000 евра, претходно фотодокументирани, додека остатокот требало да го исплати по добивање на Решението за легализација, кое му ветил дека ќе биде завршено по два дена. Од страна Секторот за внатрешни работи Скопје, а врз основа на Наредба за претрес на службени простории и претрес на лице издадена од Основен суд Скопје 1 Скопје, извршен е претрес во општината и врз пријавениот, кој доброволно предал една банкнота од 500 евра, две банкноти од по 200 евра и една банкнота од 100 евра кои се претходно фотодокументирани“, информираат од МВР.
На Мемеди му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.