Кога во прес-салата влегла толпата меѓу кои и луѓето со фантомки, пратеникот Весел Мемеди и рекол на Радмила Шекеринска да ги соблече штиклите зошто не знаеле што може да се случи, а пратениците еден на друг си сугерирале да ги извадат вратоврските за случајно да не ги задават со нив.
Ова го раскажа Мемеди сведочејќи во судница за 27 април, додавајќи дека тој ја извадил неговата и ја ставил во џеб, пренесе порталот ПлусИнфо.
– Еден од обезбедувањето ми рече дека треба да се движам од левата страна, јас не знаев што сака да ми каже. Кога веќе одлучив да одам на таа страна што ми рече, се сеќавам дека еден крупен човек со брада и ќелав раката ја држеше позади и бревташе. После видов дека има пиштол – сведочеше Мемеди покажувајќи со рацете каде ги држел рацете и импровизирајќи го бревтањето.