Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги предупреди своите сопартијци дека секој што го велича фашистичкото минато на Италија треба да биде исклучен од партијата „Браќата на Италија“, чиј лидер е таа.
Мелони го изјави ова откако медиумите минатата недела објавија видео на кое се гледа како неколку членови на младинската група на партијата ја креваат десната рака во фашистички поздрав, извикувајќи „Sieg Heil“, пренесува Ројтерс.
Во вчерашното писмо до раководството на партијата, Мелони наведува дека е лута и тажна што со овој потег е нарушен угледот на партијата.
„Во нашата партија нема место за расизам или антисемитизам, како што никогаш немаше место за оние кои носталгично гледаат на тоталитарните режими од минатиот век. Нашата задача е премногу важна за да дозволиме да биде уништена од оние кои не ја разбираат големината на таа задача“, рече таа.
Партијата „Браќата на Италија“ го следи своето потекло од неофашистичката група која се појави по Втората светска војна, но Мелони се обидува да се дистанцира од ултрадесничарите и вели дека нејзината партија е класично конзервативна.
По објавувањето на видеото од интернет порталот Fenpage, италијанската опозиција објави дека владејачката партија е рај за екстремните десничари и дека се лажни напорите на премиерката да се претстави како умерена политичарка и во Италија и во светот.