Мелони и Рама се договорија за отворање центар за мигранти, ЕУ изненадена: „Не сме информирани“

by Fokus

Европската унија практично не била информирана за договорот меѓу италијанската премиерка Џорџа Мелони и Тирана за испраќање илјадници мигранти во Албанија, како дел од процедурата за барање азил, и бара повеќе информации за тоа, објави денеска „Гардијан“, повикувајќи се на извори во Брисел.

Портпаролот на ЕУ изјави дека Унијата била „информирана“, но одби да каже кога им било соопштено за контроверзниот план што италијанската премиерка вчера го претстави, додава британскиот весник.

– Побаравме детални информации. Треба да ги видиме деталите, за да можеме да зборуваме за импликациите – рече портпаролот.

Италија ќе гради центри во Албанија за сместување на мигрантите кои пристигнуваат по море, изјави вчера Мелони. Таа рече дека албанските центри првично ќе сместат околу 3.000 луѓе, а се планира да бидат отворени пролетта 2024 година.

Таа рече дека италијанската влада се надева дека ќе го зголеми својот капацитет за сместување на 36.000 мигранти годишно, пренесува „Ројтерс“.

– Сметам дека ова е вистински европски договор и сакам да кажам дека покажува дека е можно да се работи заедно за управување со миграциските текови, рече Мелони на прес-конференција во Рим, по средбата со нејзиниот албански колега, Еди Рама.

Поврзани новости