Мелони:„Да не нападнеа, немаше да имаме војна во Израел“

by Fokus

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска пристигна во Киев како дел од одбележувањето на втората годишнина од руската инвазија на оваа земја. По тој повод таа даде коментар кој многумина би го опишале како контроверзен.

Мелони изјави дека руската инвазија на Украина ја поставила основата за нападот на Хамас на 7 октомври врз јужните делови на Израел.

„Доколку Русија не ја нападнеше Украина, Хамас веројатно немаше да изврши таков напад врз Израел. Би било неизбежно вакво сериозно кршење на меѓународниот систем заснован на закон, згора на тоа, од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, да има каскадни последици врз другите области во светот – од Блискиот Исток, Балканот до Африка“, рече таа.

„Ова е игра што ја играме и мора да бидеме свесни за тоа. Ако не се воспостави меѓународна законитост во Украина, конфликтите ќе се намножат“, додаде Мелони.

Исто така, по повод втората годишнина од војната во Украина, таа рече дека Западот мора да продолжи со поддршката за Киев.

„Да, Италија, Европа и Западот мора да продолжат да бидат на страната на Киев. Одбраната на Украина не значи сакање војна, туку сосема спротивно. Тоа значи спречување војна, заштита на нашиот национален интерес. Никој, пред се, ние Европејците не сакаме свет во кој владее хаос, а не владеење на правото“, рече премиерката на Италија.

Поврзани новости