Премиерот Зоран Заев и неговата сопруга, Зорица Заева вчера попладне беа на приемот организиран од американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга, првата дама Меланија, во рамки на Генералното собрание на ОН.
Тој ја сподели заедничката фотографија со Трамп, и напиша дека му е чест и задоволство што со Зорица присуствувале на приемот. Други детали и фотографии од приемот не беа споделени со јавноста, но сепак познато е дека Меланија на сите приеми знае да се покаже како добра и креативна домаќинка и пријатно да ги изненади гостите со интересно мени и со стилски декорирани маси.
Така на пример, кога пред две години за време на Генералното собрание на ОН таа организираше прием на кој присуствуваше сопругата на премиерот, Зорица, заедно со првите дами на Косово, Франција, Хаити, Панама и други, гостинките уживале во прекрасните цветни декорации на масите, но и специфичното мени кое Меланија го подготвила за нив. Пита, полнета со сос од домати и пармезан, риба, позната како Black cod, сервирана со сос од цитрони и билки, црн ориз, салата од млади листови од грашок, нектарини прелиени со кафеав путер, кростата (пита со овошен мармалад) и со сладолед од ванила тогаш беа дочекани гостинките на првата дама на Америка, а се пиело едно од најдобрите бели вина, Grgich Hills Estate Fume Blanc Napa Valley, берба од 2013 година.
Комплетното мени, но и фотографии од настанот тогаш сподели адвокатот на Меланија, Мајкл Вајлдс, кој за време на приемот позирал и покрај Заева, а под фотографиите појасни дека таа е првата дама на Македонија. Добрата организација и трудот на Меланија тогаш добија голем број на пофалби на социјалните мрежи, а пошироката американска јавност и оддаде признание дека се покажала како одлична домаќинка и направила пријатна атмосфера за своите гости.
Околу тоа каква атмосфера владеела на приемот кој се случи вчера, и какво мени овој пат креативната прва дама составила за гостите, од Белата куќа се уште не ги споделуваат деталите. Сепак, околу тоа дека семејството Трамп секогаш многу се труди околу гостите и внимава на секој детал, сведочи објавата на премиерот Заев, кој напиша дека му е задоволство што со Зорица се дел од настанот.