Мелани Тарчуловска, ќерка на Соња и Јохан Тарчуловски, е една од учесничките на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест” кој ќе се одржи во Штип од 21-ви до 22-ри октомври.
На 37-то издание на фестивалот Мелани ќе настапи со поп нумера, и ова не е нејзино прво појавување на фестивалската сцена. Лани таа настапи на Охрид Фест и ја освои наградата Долни Сарај, како најмлад изведувач со 16 години.
Две години пред тоа пак, освои второ место на меѓународен фестивал во Малта.
Мелани е првородено дете на поранешната фолк пејачка Соња и поранешниот пратеник Јохан. Кога Мелани имаше само 40 дена, Јохан беше одведен во Хаг за случајот ,,Љуботен”, а нејзината мајка тогаш раскажуваше низ каква агонија минуваат. Тој беше осуден на затворска казна од 12 години, која подоцна беше намалена на осум години. Се врати во Македонија во април 2013 година.
Во интервјуа од тој период, Соња детално раскажуваше за предизвикот сама да се грижи за Мелани, а потоа и за Младен, кои секојдневно прашувале за татко им. Откри дека ги носела на посета кај Јохан во затворот, а Мелани често зборувала за тоа како едвај чека татко и да се врати и да ја однесе за рака на училиште.
Второто дете, синот Младен го добија додека Јохан ја издржуваше затворската казна, а пак по неговото враќање од Хаг ја добија третата ќерка Јоана.
Соња, која своевремено беше една од најбараните фолк пејачки во земјава, не ја крие гордоста што Мелани тргнала по нејзините стапки. Кога пред две години Мелани беше актуелна по учеството на фестивалот ,,Златен глас на Малта”, таа раскажа дека со Јохан и ја даваат целосната поддршка бидејќи има голем потенцијал. -Мора да има и ген од мене, среќна сум што Мелани го прави она кое го сака – раскажа тогаш Соња.
Вики Клинчарова