Мексико одобри азил на семејството на поранешниот перуански претседател Педро Кастиљо, а моментално се преговара за нивно безбедно преминување, истакна денеска мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард.
Доскорешниот перуански претседател беше приведен набрзо откако пратениците го соборија кога тој побара да се распушти конгресот на таа латинска земја пред гласањето за импичмент.
Кастиљо во текот на сослушувањето на суд рекол дека е неправедно притворен, а на неговата жалба Врховниот суд одговори со продолжување на притворот, што може дополнително да ги поттикне насилните протести ширум земјата на кои луѓето бараат слобода за Кастиљо.
Тужителите планираат оваа недела да побараат продолжување на притворот за Кастиљо до три години.
Судија изјави дека доказите укажуваат и на тоа дека поранешниот претседател на Перу бил пресретнат додека се обидувал да дојде до Мексиканската амбасада да бара азил.
Канцеларијата на омбудсманот на Перу соопшти вчера дека седум лица загинале од почетокот на демонстрациите во средата, вклучувајќи петмина во понеделникот. Истиот ден наследничката на Кастиљо, Дина Болуарте делумно се согласи со барањата на демонстрантите, најавувајќи дека ќе испрати предлог до Конгресот за одложување на изборите за април 2024 година.