Кандидатката на владејачката партија во Мексико, Клаудија Шејнбаум е победник на претседателските избори одржани вчера.
Во неделата Мексиканците излегоа на историски избори на кои се очекуваше за првпат да изберат жена претседател.
Шејнбаум (61) доби 57,8 отсто од гласовите, а нејзиниот најблизок противник, сенаторот од десниот центар Ксочитл Галвез, 29,1 отсто, покажа истражувањето на Институтот Енкол.
На трето место е центристичкиот кандидат Алварез Мајнез со 11,4 отсто од гласовите, покажува истата анкета.
Шефот на владејачката партија Морена – Марио Делгадо, им рече на приврзаниците во Мексико Сити дека Шејнбаум победила со голема разлика.
Шејнбаум, климатски научник и поранешен градоначалник на Мексико Сити, е долгогодишен сојузник на актуелниот левичарски популистички претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кому му беше забрането повторно да се кандидира по 6 години на функцијата.
Таа ги отфрли тврдењата на опозицијата дека ќе биде „марионета“ на Лопез Обрадор, иако вети дека ќе продолжи со многу од неговите политики, вклучително и оние кои им помагаат на најсиромашните Мексиканци.
Речиси 100 милиони Мексиканци имаа право да гласаат на изборите во неделата, кои вклучуваа гласање за градоначалник на главниот град, осум гувернерски позиции, двата дома на парламентот и голем број други регионални и локални позиции.
Најголемите избори некогаш одржани во Мексико беа и најнасилните во модерната историја, со убиство на 38 кандидати.
Насилството ја поттикна загриженоста за демократијата поради завојуваните нарко картели. Во неделата две лица беа убиени на избирачки места во државата Пуебла.
Победата за Шејнбаум би била голем чекор за Мексико, земја позната по својата мачо култура.