Британската премиерка Тереза Меј денеска им порача на пратениците во Долниот дом на Парламентот во Вестминстер дека ќе им даде последна шанса да го одобрат Договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ, што нејзината Влада и Брисел го постигнаа лани во ноември.
Како што јави ДПА, со цел да ги придобие пратениците од редовите на нејзината Конзервативна партија и од опозициската Лабуристичка партија да го поддржат Договорот, Меј им вети повеќе отстапки, вклучувајќи и гласање во Парламентот за одржување втор референдум за Брегзит.
Таа нагласи дека пратениците кои нема да го поддржат Договорот при четвртото изјаснување по него на почетокот на јуни, всушност ќе „гласаат за запирање на Брегзит“ и ќе придонесат за неспроведување на резултатите од Референдумот од 2016 година, на кој мнозинството Британци се изјаснија за истапување на Велика Британија од ЕУ.
Долниот дом на британскиот Парламент досега во три наврати го одбиваше Договорот за Брегзит, но Меј се надева дека конечно во четвртиот обид пратениците ќе го одобрат договорениот текст.
Американската инвестициска банка „Џеј-Пи Морган“ денеска ја зголеми веројатноста за Брегзит без договор од 15 на 25 проценти, наведувајќи оти нивното основно сценарио е дека поранешниот шеф на британската дипломатија Борис Џонсон ќе стане нов премиер, по што ќе следат општи избори, а потоа уште едно одложување на излегувањето на Велика Британија од ЕУ до крајот на годината.
„Џеј-Пи Морган“ ја зголеми веројатноста за ново одлагање на британското напуштање на Унијата на 60 проценти од претходните 50 отсто, а во исто време ја намали опцијата за истапување на земјата од ЕУ во согласност со условите на Договорот за Брегзит на Меј, на 15 проценти од претходните 35 отсто.