Новата варијанта на корона вирусот, омикрон се шири со брзина на светлината, па досега овој вид за само три недели стана доминантен во околу 90 земји.
СЗО предупредува дека новата варијанта во наредниот период ќе удри уште посилно, а ќе стигне и до земјите каде досега во моментот се уште не ги пуштил своите пипки. Од таму уште предупредуваат и дека на некои места болниците би можеле да бидат преоптоварени со толку брзиот раст на случаите.
Со ваквите ставови се согласува и доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом Скопје, кој во моментот работи во ковид центарот на интерните клиники. Тој одговара со категорично „да“ на прашањето дали во најскоро време омикронот ќе „затропа“ на вратата и во Македонија.
„ Фокусот треба да ни биде на прашањето кога оваа варијанта ќе се појави и уште поважно е прашањето што можеме да направиме за да го успориме нејзиното ширење.
Претпоставките се дека нема да чекаме уште долго за да го добиеме првиот секвенциониран случај на Омикрон во Македонија, и веројатноста е голема дека од тој момент сите активирани мерки за намалување на трансмисијата ќе бидат задоцнети“, истакна во изјава за „Фокус“, доктор Мехмедовиќ.
Според него, со рапидното ширење на oмикрон во Јужна Африка високо преносливата Делта варијанта била потисната за само 3 недели.
„Сега таму практично сите случаи на ковид се должат на инфекција со Омикрон. Во САД за две недели Омикрон успеа да стане доминантен, 73% од сите тестирани случаи се со новиот сој на корона вирусот. Претпоставките се дека Омикрон ќе стане доминантна варијанта до средината на јануари на глобално ниво поради стапките на инфекција, кои според искуството од теренот се удвојуваат на секои два до три дена.
Преведено во бројки тоа би значело дека дневно новите позитивни случаи со омикрон би можеле да достигнат пик од евентуални 20.000 случаи на ден во Македонија, бројки кои со ваков слаб систем на тестирање нема да ги видиме во дневната статистика, но ќе се почуствуваат преку преполнетоста на амбулантите и ковид центрите во државата“, тврди доктор Мехмедовиќ.
КАЈ ОМИКРОН МОЖЕ ДА ПОМИНЕ И БЕЗ КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА
Лошата вест е дека омикрон се пренесува со „брзина на светлината“, но добрата вест барем засега е дека доминира претежно со лесна клиничка форма на болеста која ја предизвикува.
„Според анализата од осигурителната компанија за здравствени услуги Дискавери од Јужна Африка, 90% од пациентите кои се хоспитализирани немаат потреба од кислород(кај Делта варијаната речиси 100% имаа потреба да кислородна поддршка).
Друга студија од Хонг Конг покажа дека е зголемено размножувањето на вирусот во дишните патишта до 70 пати со Делта, но во однос на дивата примарна Вуханска варијанта репликацијата во ткивото на белите дробови е за 10 пати намалена. Тоа може да биде причина за полесната клиничка слика, но треба да биде причина за опуштање на системот за контрола на пандемијата“, објаснува докторот.
Енормниот број на позитивни случаи го зголемил експоненционално бројот на хоспитализации во Јужна Африка, а сите се должат на Омикрон варијантата.
„Мал број на хоспитализации на голем број инфекции во апсолутни вредности може да ги преполни и нашите болници. Апелирам здравствениот систем да биде подготвен. Во однос на возрасните групи, информациите од Јужна Африка покажуваат дека најчесто се засегнати работната и помладата популација, но се уште ги очекуваме анализите и од другите земји.
Јужна Африка претежно е земја на млади, и со нискиот процент на вакцинација од 22% опфатени беа постарите ризични групи, и тоа може да се причините што гледаме најчесто инфекции во помладата популација.
Според него, загрижувачки податок е дека Дискавери студијата укажува на зголемена хоспитализација од 20 отсто кај децата на возраст од над 18 години.
Се чини дека новите варијанти многу поуспешно го избегнуваат имуниот систем на децата. Сепак се уште е рано да носиме заклучоци врз основа на малиот број студии кои се изработени во текот на изминатите 4 недели(период во кој светот живее со Омикрон), студиите се во пред-печатена форма, не се рецензирани и ќе треба да бидеме и трпеливи и исклучително внимателни во период што следи, сметам Омикрон се уште не го покажал своето вистинско лице“, додава доктор Мехмедовиќ.
Досега во земјата се направени вкупно 1.558.639 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 222.064, бројот на оздравени пациенти е 208.938, на починати е 7.853, а бројот на активни случаи изнесува 5.273.
Ирена МУЛАЧКА