Мехмедовиќ: Не очекуваме да има повеќе заболени од конго-кримска хеморагична треска

by Fokus

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ смета дека нема простор за паника и не очекува дека ќе има повеќе случаи со заразени лица со конго-кримска хеморагична треска. Тој ова го изјави за МИА откако пред неколку дена 27-годишна жена од штипско почина како резултат на болеста, а вчера беше објавено дека болеста е утврдена и кај вработена на Клиниката за инфективни болести во Скопје, која била во контакт со починатата девојка.

Мехмедовиќ, вели дека Институтот за јавно здравје, веќе дал препораки во однос на тоа што треба да се направи за да се превенира болеста, но и кои се симптомите и евентуалните компликации кои може да настанат. Според него, од информациите со кои располагаат, првиот случај, односно починатата жена се заразила со директен контакт со крлеж, додека, пак, вториот случај со здравствениот работник најверојатно е преку пренос на контаминирана крв.

„Не очекуваме да има повеќе случаи, меѓутоа ова не е првпат да се јавува во државава ваков тип на заболување, зборуваме конкретно за конго-кримска хеморагична треска. Дека го имало во минатото – го имало, дека се појавува во регионот – се појавува, дека ќе има вакви инцидентни појавувања – ќе има. Меѓутоа тоа не значи дека сме на раб на избивање на нова епидемија што ќе ги загрози сериозно животот и здравјето“,  вели Мехмедовиќ.

Од Министерството за здравство вчера информираа дека по потврдување на случај на конго-кримска хеморагична треска кај жена на 27-годишна возраст, вработено лице на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС), идентификувано како контакт со среден ризик, на деветиот ден од надзорот, пројавило симптоми.

„Согласно добиените резултати од страна на ЕПИ-одделот на ИЈЗ, бил утврден позитивен случај на конго-кримска хеморагична треска. Оттаму појаснија дека пациентот е хоспитализиран на Клиниката, а Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје Скопје, веднаш формирал екипа за теренски увид, која ги спроведе потребните активности, односно изврши анкетирање на пациентот и ставање под надзор контакти од здравствен ризик со цел спречување од понатамошно ширење на болеста“, соопшти вчера Министерството за здравство.

Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 14 дена.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера изјавија дека на 10 члена од семејството на вработената на Клиниката за инфективни болести биле дадени решенија за здравствен надзор, како и на една нејзина колешка од Клиниката. Според ДСЗИ досега 40 лица се под здравтсвен надзор, заедно со 29 лица кои се поврзани со претходниот случај.

 

 

Поврзани новости