Формирана е меѓуресорска група која ќе се грижи за подигнување на безбедноста во училишните објекти, откако утрово дел од училишните раководства добија пораки за поставени експлозивни направи во објектите. За ова денеска на прес конференција информираше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која рече дека важно е училиштата да останат мирна и хармонична средина во која учениците единствено ќе се посветат на стекнување што повеќе и поквалитетни знаења.
„Одржавме состанок со претставници на Министерството за внатрешни работи и на неколку други институции кои се задолжени за јавната безбедност, претставници на Министерството за дигитална трансформација и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Заеднички настапуваме во следниот период и со дополнителни напори од општините, ќе ја подигнеме безбедноста во училиштата“, рече Јаневска, додавајќи дека сите денешни дојави се лажни, а по направените проверки, учениците се вратени на настава.
„Благодарам на полицијата и на сите други служби за брзата интервенција и посветеност кон најмладите и истовремено жалам што некој си поигрува со нашите деца и ја вознемирува јавноста. Потсетувам дека училиштата и понатаму во случај на дојави за експлозивно направи, треба веднаш да пријават во МВР и да ги следат упатствата и протоколите кои ќе ги добијат стручните лица од министерството. Секако важно е да внимаваат кој и како влегува во училишните објекти“, нагласи Јаневска.
Упати апел до наставниците и другите вработени во училиштата, за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси кои се креирани од Министерството за образование и наука, а препораките за општините се согласно можностите, да ангажираат физичко обезбедување и да постават видео надзор.