Новата влада ги укинува дисперзираните студии на дел од високо образовните установи, без притоа да направи анализа на досегашните резултати и без да го почитува високиот интерес за овој тип на студии и да спроведе јавна дебата за носење на оваа одлука, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Единствената причина поради која е направен ваквиот чекор е тоа што дисперзираните студии се идеја, односно мерка воведена од страна на Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ со цел обезбедување на што поголема достапност на високото образование за сите граѓани. Достапноста на образованието се овозможи со неколку крупни чекори, како петкратното намалување на партиципациите, отворањето на трите нови државни универзитети и 32 факултети и конечно, отворањето на дисперзираните студии кои се покажаа како извонредна можност која секоја година ја искористуваа околу 15 отсто од вкупниот број на граѓани што го продолжуваа образованието на високо образовна установа – рече Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Министерството образование и наука, пак, возвратија дека оваа одлука е резултат на укажувањата од страна на скопскиот државен универзитет за непостоењето на интерес од страна на студентите за овие студии во изминатите неколку години.
„Постојат јасни согледувања за неможноста да се обезбеди ист квалитет на студии надвор од матичните Факултети. Јасно ни е дека ВМРО-ДПМНЕ е во паника бидејќи нивниот ефтин популизам е препознаен од сите – и од универзитетите и од студентите. Со нивната хистерична реакција во однос на укинувањето на дисперзираните студии на УКИМ, всушност се обидуваат да ја дефукусираат јавноста од вистинските проблеми кои тие ги оставија во образованието, огромните долгови во студентските и ученичките домови, во основните и средните училишта, штетните договори кои ги имаат склучувано за издавање на несоодветно преведени книги кои не можат да се користат заради лошиот превод и за сите сомителни зделка“, стои во реакцијата од МОН.
Претходно, се огласи и СДСМ, од каде порачаа дека ќе се врати квалитетот во обраование, што, според нив, го нарушија владите на ВМРО-ДПМНЕ.