Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) синоќа соопшти дека отворил истрага за можни воени злосторства во Украина, по барање на голем број земји-членки на Трибуналот.
– Почнува активна истрага на барање на 39 земји-членки на судот, изјави главниот обвинител Карим Кан.
– При прелиминарното испитување на ситуацијата во Украина, мојата канцеларија најде основано сомневање дека таму се извршени кривични дела за кои е надлежен овој суд, рече тој.
Обвинителството сега ќе почне со собирање докази за наводите за воени злосторства, злосторства против човештвото или геноцид на кој било дел од украинската територија против кое било лице, додаде Кан.
Украина е членка на МКС од 2014 година, по руската анексија на Крим, додека Русија не ја признава неговата јурисдикција.