Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Шојгу и Герасимов

by Fokus

Меѓународниот кривичен суд (МКС) денеска издаде налози за апсење на поранешниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу и водечкиот руски генерал, началникот на Генералштабот – Валериј Герасимов за наводни злосторства извршени за време на руската инвазија на Украина.

Двајцата се обвинети дека се одговорни за воени злосторства за насочување напади врз цивилни објекти и предизвикување прекумерни случајни повреди на цивили, како и за злосторства против човештвото со извршување на „нехумани дејствија“, се вели во соопштението за печатот.

Судот рече дека судиите утврдиле дека има „разумна основа да се верува дека двајцата осомничени се одговорни за ракетните напади извршени од руските вооружени сили против електричната инфраструктура на Украина од најмалку 10 октомври 2022 година до најмалку 9 март 2023 година“.

Руските власти се осомничени дека извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото со наредба за напади врз цивили и цивилни објекти во Украина.

Русија тврди дека енергетската инфраструктура на Украина е легитимна воена цел и негира дека напаѓа цивили и цивилна инфраструктура.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот го поздрави потегот на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на поранешниот руски министер за одбрана и началникот на Генералштабот, велејќи дека тоа е „важна одлука“.

„(Сергеј) Шојгу и (Валери) Герасимов сносат лична одговорност… (Тие) ќе одговараат за злото“, рече Андриј Јермак на Телеграм.

Рускиот совет за безбедност денеска објави дека налогот за апсење на поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу на Меѓународниот кривичен суд е дел од хибридната војна против Москва, јави државната новинска агенција ТАСС.

Минатиот месец, Шојгу беше сменет од функцијата министер за одбрана и назначен за секретар на моќниот Совет за безбедност на Русија, во најзначајното потресување што рускиот претседател Владимир Путин го направи во неговата воена команда од почетокот на војната во 2022 година.

Со потерниците за Шојгу и Герасимов, вкупниот број на потерници издадени против високи руски осомничени од почетокот на инвазијата е осум. Меѓу нив е и Путин, осомничен за воени злосторства за депортација на украински деца во Русија.

 

Поврзани новости