Меѓународниот ден на жената, Осми март, кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, годинава започна со вест дека маж од Тетово ја застрелал својата партнерка при што тешко ја ранил, по што се самоубил. Настанот се случил на наплатната рампа Прешево, а младата жена се бори за живот.
Вестите за обиди за убиства, убиства, како и насилство врз жените не се ништо ново во земјава. На денот посветен на рамноправноста на жените, кога најгласно се зборува за родовата еднаквост, потсетуваме на десетици жени од Македонија, кои во изминатите години беа убиени поради родово базирани пориви.
За помалку од пет години, односно од 2019 година до денес, во Македонија биле убиени 20 жени, само поради тоа што биле жени. Најголемиот број од нив, заклани со нож, потоа според статистиките следуваат убиствата со огнено оружје, а некои биле убиени со ќотек!
Во 2019 година од вкупно пет убиства при семејно насилство – три случаи се фемициди, во 2020 година од четири убиства при семејно насилство – три се фемициди, додека во 2021 година од пет убиства при семејно насилство, во три случаи станува збор за фемициди.
Во 2022 година од вкупно седум убиства при семејно насилство – шест се фемициди, а пак лани, само во првиот квартал имаше три фемициди, и потоа во август уште два, кога маж од Куманово со нож ги уби својата сопруга и нејзината мајка.
Годинава пак, во Есен, Германија, жена од Кавадарци пред очите на осум-годишниот син беше убиена со нож од страна на нејзиниот сопруг, по потекло од Скопје.
Според анализите на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“, во Македонија од 2008 до 2020 година биле извршени најмалку 50 фемициди.
Само минатата година, според статистиките на МВР, биле евидентирани над 500 случаи на семејно насилство. Поради неадекватни казни на сторителите, недоверба во институциите, како и страв кај жртвите, голем е бројот на случаи на семејно насилство кои не се пријавуваат, па на крај од шамар неретко завршуваат со фемицид. И покрај алармантните бројки, во Македонија се уште нема посебна евиденција за случаите на фемицид.
Од почеткот на годинава, покрај кавадарчанката која беше убиена во Германија од нејзиниот сопруг, две жени беа убиени во Скопје во јануари, кога сторителот со нож ги закла својата мајка и баба.
Сопрузите или поранешни или сегашни партнери се најчесто убијци и тепачи на жени, односно дури 63 проценти од еведентираните случаи се извршени од нивна страна. Зад нив доаѓаат синовите насилници, со 16 проценти од бројот на фемициди и претепувања на жени.
Лани во март Министерството за труд и социјална политика ја спроведе кампањата ,,Гласна и храбра,,, а тогашната министерка Јованка Тренчевска сподели приказни кои ги слушнале за време на караванот.
-Сезонски работнички кои работат по цел ден, за да на крај сопругот алкохоличар им ја земе целата плата, деца кои се сведоци на семејно насилство, затворање на жената дома за да не може да заработува… беа дел од сведоштвата за кои се дискутираше во тек на кампањата.
Бројните кампањи на темата, гласното зборување и едукацијата, обидите за подигнување на свеста за економско осамостојување на жените, сепак не се доволни за надминување на проблемите со кои живеат илјадници жени во земјава. Голем е бројот на општини во нема институционален систем за згрижување на жените, таканаречен шелтар центар, ниту пак систем за интеграција на жените жртви на насилство.
Токму поради тоа, во земја каде родово базираното насилство е секојдневие на бројни жени, се наметнува прашањето околу еднаквите права за мажите и жените – Дали и каква еднаквост и праведност постои?
Инаку, според Конвенцијата на ООН за човекови права, земјите кои ја ратификувале Конвенцијата се обврзани да го внесат принципот на рамноправност на мажите и жените во своите национални устави или во соодветните закони, да се воздржат од секоја постапка или практика на дискриминација на жените и да обезбедат јавните органи и институции да постапуваат во согласност со оваа обврска.
Тие исто така се обврзани да воведат правна заштита на правата на жените врз рамноправна основа со мажите преку надлежните национални судови и други јавни институции, и да ги преземат сите потребни мерки заради отстранување на дискриминација на жените од страна на кое било лице, организација или претпријатие.
Во женски права се вклучени обезбедувањето еднакви права во семејството, правото за работа, еднаквоста на платите, правото за вршење на јавни функции, склучувањето на правни договори, право на сопственост, образование, телесен интегритет…
Според статистиките за бројни родово базирани насилства и дискриминации со кои жените се соочуваат секојдневно, треба уште многу да се поработи на темата женски права во земјава.
Вики Клинчарова