Скопскиот пица-ресторан „Мато Наполетано“ кој се наоѓа на улицата „Дебарца“ 2А, и е добро познат на љубителите на пицата, повторно ја оправда титулата дека е една од најдобрите пицерии.
На гала церемонија која вчера се одржала во Кралската палата во Наполи, на прогласувањето на стоте најдобри пицерии во светот помеѓу наградените се најде и ова катче каде се готви со многу љубов, а негови творци се Зоран Васиљевиќ и Дане Кузмановски.
Тие ја потврдија веста дека „Мато Наполетано“ го испишало името на Македонија со големи букви на светската гастрономска мапа, и официјално пицеријата е помеѓу најдобрите во светот. Рангирањето и наградувањето го вршела меѓународна организација низ строг процес на проверка од страна на анонимни инспектори, на сите аспекти од понудата и работењето во текот на целата година.
Како потсетување, минатата година за првпат Скопје беше поставено на европската гастрономска мапа, кога „Мато Наполетано“ се најде на 41-то место на „50 Top pizza“, за што во Милано им беше доделено признание. Потоа, во мај годинава, пицеријата успеа да се искачи до високото 25-то место.
Тогаш Васиљевиќ за „Фокус“ раскажа дека се горди на постигнатиот успех, и потенцираше дека не биле водени од желбата за голем профит, туку првенствено сакале да понудат добри пици.
Вики Клинчарова