Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница покрај централниот распис за Анџело Ѓоргиевски, роден на 13 јануари 1994 година во Скопје, каде и живее на улица број 9 број 5 во село Волково. Тој се бара по наредба број 1211/22 од 12 април на ОЈО Скопје, поради основано сомневање за сторено кривично дело убиство.
Ѓоргиевски е првоосомничен за убиството на 28 годишниот ракометар од Хрватска Денис Тот, кого како што се гледа на снимките од безбедносните камери, пред дискотеката Привилиџ во градскиот парк, минатата недела го удрил, од што ракометарот паднал на асфалтот и се здобил со смртоносни повреди на кои подоцна им подлегна на КАРИЛ.
За убиството на Денис Тот во триесетдневен притвор се една девојка и едно момче. Не е познато дали Анџело Ѓоргиевски ја напуштил Македонија, меѓутоа доколку тоа го сторил, сомнежите на истражните органи се дека тоа би морал да го стори илегално, со оглед на тоа што неговите податоци не фигурираат во официјалните бази на граничните премини.
За Анџело Ѓоргиевски словенечките медиуми пишуваат дека е гонет и за производство на психотропни супстанци, односно дрога која што е позната меѓу посетители во ноќни клубови. Во 2016 година, во Марибор, Анџело удрил во пет паркирани автомобили и избегал од местото на настанот. Кога полицијата го нашла, пронашла и мини фабрика за синтетички дроги.