Судска пресуда може да се преиначи само од повисок суд и тоа во постапка предвидена со закон. Одговорност на судиите утврдува, единствено Судскиот совет. И тука завршува приказната со меѓународните истраги и други бајки и басми за кои се изнаслушавме изминатиот период и кои ќе поминат како и извештајот на Прибе ,или ветувањата за Монструм
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
По кој знае кој пат јавно и бесрамно,популистички и политикантски се дава изјава во која има сериозно незнаење и уште посериозно се задира во надлежностите на другите органи и институции.
Воедно, по кој знае кој пат политичките проблеми и мешетарења се решаваат со правни вратоломии, политичките пазарења се поткусуруваат со упад и доразнебитување на правниот и судски систем.
И по кој знае по кој пат, тоа се прави од првиот човек на извршната власт во преговори со политички лидери на други парламентарни партии, кои претендираат да партиципираат во власта и да бидат дел од извршната и законодавна власт и кои уште неседнати во функционерски фотелји ја узурпираат поделбата на власт и ги кршат основните уставни начела.
Од пораката од политичките преговори на двата лидера,а која им ја испратија на сите во Македонија, а и надвор, можат да се заклучат три многу опасни работи.
ОПАСНИ ПОРАКИ
Првата е, дека политичкото влијание и притисок на судството не само што не запира, туку и се продлабочува и засилува и тоа јавно се признава без страв од последици.
Второ, признание дека постојат политички судски предмети кои се во тек , а ништо не се превзема.
Трето, судството и довербата во него се “поодамна разнишани”, но ништо не се превзема по тоа прашање, иако токму тој како лидер и неговата партија се дојдени на власт поради ветување за длабоки и сеопфатни реформи.
Повикување на меѓународни експерти кои ќе навлезат во предметите за кои постојат сомневања дека се политички мотивирани и обоени е популистичко политикантска изјава. Таа служи за задоволување на барањата на политичките аспирации на политичкиот партнер на преговарачка маса. Но, покажува дека секогаш кога `и е потребно на извршната власт, истата може да прогласи потреба од меѓународен мониторинг како вид на контрола на судиите и своевиден притисок и нивно дисциплинирање.
ИЗЈАВИ ЗА ШИРОКИ НАРОДНИ МАСИ
Забораваат функционерите од извршната власт дека тоа е само бомбастична изјава за широките народни маси, која реално не вреди ништо. Единствен орган кој може да води истрага и кој може да иницира постапка е обвинителството.
Судска пресуда може да се преиначи само од повисок суд и тоа во постапка предвидена со закон. Одговорност на судиите утврдува, единствено Судскиот совет. И тука завршува приказната со меѓународните истраги и други бајки и басми за кои се изнаслушавме изминатиот период и кои ќе поминат како и извештајот на Прибе ,или ветувањата за Монструм.
Но она што реално загрижува е јавното признание дека постојат и политички прогон и политички обоени предмети, кои се во тек, а ништо не се превзема тие предмети да се запрат.
А, ова не е никаква новост, ниту за тој кој ја дал изјавата, ниту за македонската јавност, бидејќи тоа веќе ни го соопштија и извештајот на Прибе, но и судските одлуки на судот во Грција, Унгарија и Шведска, а полека почнува тоа да го прави и судот во Стразбур.
Но она што загрижува е, што ништо не е направено оваа пракса во Македонија да прекине ,напротив, истата е добра алатка за пресметување со политичките противници, која секоја актуелна власт ја користи и токму затоа упорно опстојува на статус кво позицијата по ова прашање.
Прашањето на политички прогон и постоење на политички мотивирани судски предмети се спомнува од секоја актуелна власт, во мигот кога тоа им е потребно во политичките преговори, а веднаш потоа се заборава или негира нивното постоење.
„РАЗНИШАНА ДОВЕРБА“ НА СУДСТВОТО
“Разнишаната доверба” во судството не е ништо ново и истата им е добро позната на сите во Македонија. Истата беше користена и до крајни граници експлоатирана при рушењето на режимот и доаѓањето на власт на оваа политичка гарнитура, која ветуваше длабоки и коренити реформи на судскиот и правосудниот систем.
Но од ветувањата немаше ништо и истите беа заборавени истиот миг кога седнаа во функционерските фотелји. Тогаш, како и сите дотогаш, почнаа да калкулираат, да го користат исполитизираното судство како своја алатка за свои потреби.
Наместо ослободување на судскиот систем и создавање основи и услови за негово заздравување и осамостојување со тежнеење, истото да стане вистинска независна трета власт, продолжија и партиските комбинаторики и влијанија во судството. И како и секогаш за сево ова нема одговорност, осуда, санкција.
Вакви и слични изјави сме се изнаслушале, а како тргнало и ќе се изнаслушаме ако нешто сериозно не се случи и не се појават сериозни и одговорни луѓе кои ќе ги почитуваат и законите и моралните вредности, а оние останати ќе можат да возат мотори колку што сакаат таму некаде далеку од нас.